Kasım İleri
08 Јануари 2021•Ажурирај: 11 Јануари 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на американските копнени сили при Националната гарда, Рајан Меккарти, соопшти дека околу Конгресот на САД во наредните 30 дена ќе биде поставена барикада со висина од околу 2 метри, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меккарти присуствуваше на заедничката прес-конференција одржана со градоначалничката на Вашингтон, Муриел Браусер. Во таа пригода изјави дека и претходно очекувале слични протести како завчерашните, но дека никој не можел ни да замисли дека демонстрантите ќе го окупираат американскиот Конгрес.
Тој додаде дека се активни сите единици на Националната гарда во Вашингтон и дека поддршка пружиле и припадниците на Националната гарда од Вирџинија, Мериленд, Делавер, Њу Џерси и Њујорк.
Запрашан за мерките, Меккарти изјави дека до викендот таму ќе бидат 6.200 припадници на Националната гарда за да пружат поддршка на полицијата во Вашингтон и полицијата на Капитол.
„Моментално во Конгресот се наоѓаат 150 припадници на Националната гарда. Во попладневните часови ќе зголемиме на 850. Од 9 часот околу Конгресот ќе биде подигната барикада висока 7 стапки [околу 2,1 метри, заб. на авт.], а ќе ги опфаќа авениите „Индепенденс“, „Конститјушн“, Првата авенија и крстосницата пред Конгресот. Тамошниот персонал и преземените мерки ќе бидат на должност и во сила најмалку 30 дена“, изјави тој.
Американскиот Конгрес завчера се состана за да го потврди гласањето на Изборниот колеџ, а во исто време американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, пред Белата куќа одржа митинг.
Неколку илјади луѓе кои присуствуваа на митингот потоа се упатија кон Капитол и се обидоа да влезат во зградата.
Дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите, а група демонстранти се обидоа да ги пробијат барикадите и да влезат во Конгресот.
Во судирите кои се случија загинаа пет лица, меѓу кои еден полицаец, а повредени се голем број луѓе.
Пратена е и Националната гарда за да ја смири ситуацијата во Конгресот, а Пентагон ги активира сите припадници на Националната гарда во Вашингтон.