Elena Teslova
09 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
МОСКВА (АА) - Џон Саливан, американскиот амбасадор во Русија, денеска ги повика американските државјани или да ја напуштат Русија или да смислат план како да останат во земјата без помош на Амбасадата, поради можноста Владата на Руската Федерација да ја затвори американската дипломатска мисија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Саливан, говорејќи во Москва, изрази загриженост дека руската Влада би можела да ја затвори американската дипломатска мисија.
„Нашата препорака е следна: напуштете ја Русија веднаш. Ако размислувате за заминување, ако можете да заминете, заминете веднаш. Или ако не заминете сега, смислете план како да останете тука без помош на Амбасадата, бидејќи руската Влада би можела да ја затвори“, рече тој.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда и доведе до сериозни финансиски санкции кон Москва.
Соединетите Американски Држави (САД) имаа централна улога во воведувањето санкции, а многу светски компании се повлекоа од Русија, вклучително и „Мекдоналдс“ и „Старбакс“.
Најмалку 474 цивили загинаа, 861 се повредени во Украина од почетокот на војната, додека повеќе од 2,15 милиони граѓани ја напуштија Украина.