АНКАРА (АА) - Американскиот експерт за меѓународна стратегија Мартин Сиф ги поистоветува чекорите што американската администрација во последно време ги презема кон Турција и настанатата тензија, со погрешните чекори што ги направи Винстон Черчил, кои отворија пат Османлиската Империја да влезе во сојузништво со Германија за време на Првата светска војна.
Сиф 24 години работи во новинската агенција „Јунајтед интернешнал прес“ (United International Press (UIP)) и весникот „Вашингтон тајмс“ (Washington Times) како новинар на надворешната рубрика и аналитичар. Во исто време тој е и коментатор за телевизиските канали „Си-ен-ен“ (CNN), „Ен-пи-ар“ (NPR), „Фокс њус“ (Fox News) и „Би-би-си“ (BBC). Сиф на интернет-страницата на Фондацијата за стратешка култура со седиште во Вашингтон, објави статија во која предупредува дека политиката што администрацијата на Трамп во последно време ја води кон Турција и настанатата тензија меѓу двете земји, може да предизвика САД да загубат земја која е нејзин клучен сојузник.
Сиф во статијата под наслов „Повторување на грешките на Черчил: Дали САД ја принудуваат Турција да ѝ се приклучи на Шангајската организација за соработка?“, ставот на САД да спроведат санкции кон Турција поради кризата со свештеникот Брансон, одлуките за воведување нови давачки во билатералната трговија и спречувањето на продажбата на воените авиони „F-35“, ги поистоветува со погрешните чекори што ги направи Винстон Черчил, кои отворија пат Османлиската Империја да влезе во сојузништво со Германија за време на Првата светска војна.
Сиф го посочи примерот од времето кога Черчил, како одговорен политичар, не дозволи два борбени брода изградени на британските бродоградилишта, коишто беа однапред платени да ѝ бидат испорачани на Османлиската држава, причина што ја принудија оваа земја во Првата светска војна да застане покрај Германија и Австроунгарија.
Сиф истакнува дека Османлиите по преземањето на борбените бродови од Германија и влегувањето во војна, ги затворија турските теснеци за земјите на Алијансата (Антантата), по што е прекината линијата за снабдување меѓу Британија и Франција со Русија. Аналитичарот Сиф потсетува дека Британија со цел повторно да ја обнови оваа линија го отвори фронтот на Чанаккале, каде што доживеа катастрофален пораз.
Сиф вели дека денеска САД прават чекори кои можат да ја отуѓат Турција, повторувајќи ги стратешките грешки што во минатото ги направи Британија. Тој предупредува дека САД со преземените чекори ја оддалечуваат Турција од Северноатлантската алијанса (НАТО), а во исто време ја принудуваат да поведе иниијативи за членство во Шангајската организација за соработка или во Евроазискиот економски сојуз, други меѓународни сојузништва што се предводени од Русија.
Посочувајќи дека Турција во моментов е партнер за дијалог со Шангајската организација за соработка, Сиф додава дека во исто време Турција размислува да постигне договор за слободна трговска размена со Евроазискиот економски сојуз.
Својата анализа Мартин Сиф ја продолжува со зборовите:
„Вашингтон кој денеска вложува напори во Алијансата на НАТО да ги интегрира малите земји Македонија и Грузија, покрај останатите мали членки како што се Црна Гора, Естонија, Латвија (Летонија) и Литванија, во исто време со став на опседнатост, спроведува остри санкции кон Турција. Не треба да се заборави дека Турција, којашто 63 години е дел од Алијансата на НАТО, има особено значење за военото распоредување на САД во источниот дел на Медитеранот и на Блискиот Исток. Во случај на војна со Русија, пристапот на американските бродови во Црното Море и оперативната способност во потполност ќе зависат од соработката со Турција“.
Сиф, истакнувајќи дека во Турција се намалува довербата кон НАТО поради сомнежот дека НАТО и САД имаат удел во обидот за државен удар во Турција изведен од страна на ФЕТО на 15 јули 2016 година, во својата статија ја дава следната констатација: „Се плашам поради недовербата кон НАТО која секојдневно добива сè поголемо мнозинство во Турција“.
news_share_descriptionsubscription_contact
