Büşra Selvi Öğütcen
15 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Од Европскиот совет за Рохинџа (ERC) порачано е дека Владата на Мјанмар со испраќањето на воено засилување во Аракан врши нова димензија на геноцид над Рохинџа муслиманите, и упатен е повик до Европската Унија (ЕУ) и до ОН да вршат притисок на Мјанмар и да го спречат потполното уништување на Рохинџа заедницата во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Европскиот совет за Рохинџа (ERC) Хла Кјав (Hla Kyaw) во разговор за АА се осврна на последните чекори на Владата на Мјанмар, која испрати нова група војска во регионот Аракан.
Како што рече тој, Владата во регионот ја испратила 33. Лесна пешадиска дивизија, позната како воена група што најсериозно ги крши човековите права кон оваа етничка група.
Кјав смета дека Владата на Мјанмар со испраќањето на нови единици во Аракан сака да воспостави долгорочна воена присутност во овој регион и ќе продолжи со геноцидот врз Рохинџа муслиманите.
Тој додаде дека по испраќањето на војската во регионот се очекуваат уште поголем број случаи на кршење на човековите права над Рохинџа муслиманите, и порача дека одговорноста со овие активности ја има и министерката за надворешни работи на Мјанмар, Аунг Сан Суу Кју.
„За жал, Сии Кју го дели мислењето со војската кога е во прашање состојбата на Рохинџа муслиманите. Западот по тоа прашање константно молчи. Ги повикуваме ЕУ, Обединетите нации, народите и регионалните влади да вршат притисок врз Владата на Мјанмар за конечно да се запре уништувањето на Рохинџа заедницата“, порача Кјав.
Владата на Мјанмар кон крајот на минатата недела соопшти дека во Мундгдау, регион во северниот дел на Аракан, испратено е воено засилување од 500 војници. Наведено е, исто така, дека за време на нередите во средата загинале најмалку 59 цивили, а 33 лица се водат како исчезнати.
„Владата, во рамките на правото, одлучно ќе ги преземе сите неопходни мерки против терористичките активности. Ќе бидат преземени сите мерки против екстремистите и против оние што во тоа ќе бидат вклучени“, порачува Владата.
Од Високиот комесаријат на ОН за човекови права наведено е дека е мошне загрижувачки фактот што Мјанмар испраќа воено засилување во регионот.
Рохинџа муслиманите во Мјанмар преставуваат апатридно малцинство, без основни права. Според официјалните податоци и извештаите на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозеното национално малцинство во светот.
Угнетувањето на Рохинџа во Мјанмар, претходно Бурма, трае со децении, а последниот голем бран на будистички напади се случи пред четири години. Исто така, во октомври минатата година дојде до опсежни акции на мјанмарската војска, при што околу 90.000 муслимани од Аракан беа принудени да ги напуштат своите домови.