Laura Gamba Fadul
03 Март 2023•Ажурирај: 06 Март 2023
БОГОТА (АА) - Вооружени напаѓачи испукале повеќе од десетина истрели во затворена продавница во сопственост на семејството на сопругата на Лионел Меси, а потоа избегале откако оставиле заканувачка порака за аргентинската суперѕвезда, јавува Анадолу.
Цел на нападот бил супермаркет во Росарио, родниот град на Меси, што се наоѓа околу 320 километри северозападно од главниот град Буенос Аирес.
„Меси, те чекаме. Јавкин е наркоман, нема да се грижи за тебе“, гласеше рачно напишаната порака оставена пред супермаркетот, во која се мислеше на Пабло Јавкин, градоначалникот на Росарио.
Полицијата соопшти дека двајца мажи на мотоцикл испукале 14 истрели во супермаркетот Унико во сопственост на семејството на сопругата на Меси, Антонела Рокузо.
Сопствениците не пријавиле повици за изнуда или други закани.
Јавкин го припиша нападот на зголемениот криминал поврзан со дрога во третиот најнаселен град во Аргентина.
Тој изрази жалење што полицијата веќе не се бори ниту со трговијата со дрога и дека бројот на федералните сили не е доволен.
Градоначалникот рече дека еден од неговите врвни приоритети ќе биде да го заштити семејството Рокузо.
Аргентинскиот министер за безбедност Анибал Фернандез рече дека нападот покажува дека „шверцерите на дрога победиле“, признавајќи дека „ова се случува веќе 20 години“.
Тој тврди дека Владата испратила повеќе од 3.000 федерални безбедносни сили за борба против криминалот во Росарио.
Ниту Меси ниту неговата сопруга не го коментираа нападот.
Меси со неговата сопруга живее во Париз, каде што игра за Париз Сен-Жермен. Победникот на Светскиот куп има репрезентативни обврски кон крајот на овој месец.