Serdar Bıtmez,Mehmet Nuri Uçar
30 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Декември 2021
ЗУФАР (АА)
- Ахмед ЈУСУФ
Археолошкиот локалитет Ел Белид, што се наоѓа во градот Салала во оманската провинција Зуфар, е меѓу најважните историски локалитети во земјата што има античко минато.
Археолошкиот локалитет Ел Белид е најважниот локалитет за туристите што доаѓаат во градот за да бидат сведоци на античката историја и да ги истражуваат подземните градови.
Регионот се наоѓа на крајбрежјето на градот Салала, што исламските историчари го нарекуваат Зуфар, на околу стотина метри од брегот на Индискиот Океан.
Саид бин Сухејл бин Салим ал Амири, еден од службениците на археолошкиот регион Ел Белид, за Агенцијата Анадолија (АА) истакна дека ова е еден од најстарите антички градови на Арапскиот Полуостров.
Истакнувајќи дека регионот Белид го вклучува археолошкиот локалитет, античкиот град и музејот „Аселбент“, кој е на списокот на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), Амири нагласи дека градот Салала бил многу важно трговско пристаниште од 8 до 16 век.
Меѓу другото, Амири нагласи дека регионот, кој датира од 2.500 година пр. н. е., претставува важен центар за населението.
Наведувајќи дека главниот замок, кој бил резиденција на владетелот, носи значајни траги од античкиот период, Амири додаде дека за време на ископувањата извршени во 2015 година, зад замокот била откопана друга структура за која се верува дека им припаѓа на службениците до владетелот.
- Историската џамија „Ел Белид“
Наведувајќи дека регионот Белид содржи и уникатни артефакти од исламскиот период, Амири рече дека меѓу нив се издвојува џамијата „Ел Белид“, една од најважните историски џамии во Оман.
Амири, меѓу другото, истакна дека џамијата, која се состои од 144 колони и 7 главни врати, поради големината е користена само за петочна молитва, а во џамијата има и простории за молитва на жените и децата.
Информирајќи дека археолошката зона Ел Белид се состои од околу 640 декари, Амири рече дека на поголемиот дел од овој простор има археолошки остатоци од исламскиот период.
Амири рече дека на западната страна од областа има големи службени објекти, гробници, остатоци од камени ѕидови и столбови кои се видливи на површината.
Наведувајќи дека градот Салала играл важна улога во светската трговија во средниот век, Амири рече дека пристаништето во градот од една страна било поврзано со пристаништата во Кина, Индија, Пакистан, Источна Африка и Јемен, а од друга страна со Ирак и Европа.