Şenhan Bolelli
05 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
МАДРИД
Во реванш-средбата од полуфиналето на шпанскиот Куп на Кралот, екипата на Атлетик Билбао со 2:1 го совлада Леванте и во финалето ќе се состане со Барселона, известува Агенција Анадолија (АА).
Екипата на Леванте која во првиот натпревар како гостин одигра нерешено, 1:1 против Атлетик Билбао, не успеа да ја искористи предноста на домашен терен.
Во првото полувреме Леванте во 16. минута поведе со 1:0 благодарение на погодокот на Роџер Марти, а Атлетик Билбао изедначи на 1:1 во 29. минута преку голот на Раул Гарсија. Тоа беше резултат со кој се замина на полувреме.
Во второто полувреме ниту една од екипите не успеа да постигне погодок, така што по завршувањето на регуларниот тек на средбата се премина на одигрување на продолженијата.
Во второто продолжение, во 111. минута Алекс Беренгер успеа да ја затресе мрежата на Леванте за водство од 1:2 и победа на Билбао за пласман во финалето на Купот на Кралот.
Во финалето Атлетик Билбао ќе игра против Барселона.
Во 112-годишната историја на Кралскиот куп на Шпанија, Барселона е екипа која има одиграно најголем број финалиња и екипа која има освоено најголем број трофеи во ова натпреварување (41 финале, 30 трофеи). По Барселона следува Атлетик Билбао со 37 финалиња и 23 титули првак на Купот на Кралот.
На 17 април на Олимпискиот стадион во Севиља ќе се сретнат Барселона и Атлетик Билбао, двете екипи од шпанската Ла лига кои се најуспешни во натпреварите на Купот на Кралот.
Атлетик Билбао на 17 јануари го освои шпанскиот Суперкуп совладувајќи ја Барселона со резултат 3:2.
Од друга страна, одложеното минатогодишно финале на Купот на Кралот за сезоната 2019/2020 меѓу Атлетик Билбао и Реал Сосиедад е закажано за 3 април, на Олимпискиот стадион во Севиља.
Двата последователни финални натпревари на Кралскиот куп на Шпанија за двете сезони ќе се играат без публика поради Ковид-19.