Darren Christopher Lyn
09 Јануари 2023•Ажурирај: 10 Јануари 2023
ХЈУСТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден пристигна вчера во Мексико, што е прва посета на американски претседател на таа земја во последните девет години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Посетата на Бајден на Мексико се случи во момент на пораст на трговијата меѓу двете земји, но и зголемена загриженост на САД поради нерегуларната миграција и историскиот број на смртни случаи од предозирање со дрога.
Американскиот претседател на Меѓународниот аеродром „Фелипе Анхелес“ беше пречекан од неговиот мексикански колега Андрес Мануел Лопез Обрадор со највисоки државни почести.
Двајцата денес ќе одржат билатерална средба, а ден подоцна ќе се одржи Самитот „Трес Амигос“ заедно со канадскиот премиер Џастин Трудо.
Бајден пред посетата на Мексико отпатува во Ел Пасо, во американската сојузна држава Тексас, што е негова прва посета на американско-мексиканската граница по преземањето на функцијата.
„Им требаат многу ресурси. Ние тоа ќе им го обезбедиме“, рече Бајден во Ел Пасо, каде што помина четири часа.
Ел Пасо моментално е најголемиот коридор за нелегални премини во САД.
Бајден за време на посетата се сретна со гувернерот на Тексас, Грег Абот, кој беше гласен критичар на имиграциската политика на актуелната американска администрација.
„Тој треба да истапи и да преземе брза акција, вклучително и надоместување на државата Тексас со парите што ги потрошивме, но и обезбедување повеќе ресурси за федералната Влада да ја заврши својата работа“, рече Абот.
Бројот на мигранти кои ја минуваат границата меѓу Мекиско и САД драстично се зголеми во првите две години од администрацијата на Бајден. Минатата година беа запрени над 2,38 милиони мигранти.
Републиканците ја критикуваа посетата на границата од страна на Бајден и ја нарекоа политички трик. Претседателката на Републиканскиот национален комитет Рона МекДаниел одржа посебна прес-конференција во пограничниот град Мекален за да го критикува Бајденовиот „катастрофален план за безбедност на границата и неговите последици врз пограничните заедници во Тексас“.