Dildar Baykan Atalay,Dmitri Chirciu
28 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
ВАШИНГТОН/МОСКВА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски истакна дека САД се подготвени да преземат решителни чекори со своите партнери и сојузничките земји во случај на руска инвазија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од Белата куќа се наведува дека Бајден имал телефонски разговор со неговиот украински колега Зеленски.
Истакнувајќи дека САД се подготвени да преземат решителна акција со своите партнери и сојузници во случај на руска инвазија на Украина, Бајден ја повтори американската поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Посочувајќи дека САД минатата година обезбедија половина милијарда долари развојна и хуманитарна помош за Украина, Бајден додаде дека САД бараат начини за макроекономска поддршка на украинската економија поради военото засилување на Русија.
Меѓу другото, Бајден во телефонскиот разговор нагласи дека и покрај тоа што персоналот на Американската амбасада ја напушта земјата, Амбасадата во Киев е отворена и целосно оперативна.
Од друга страна, претседателот на Украина, Зеленски, на својот официјален профил на Твитер даде изјава во врска со неговиот разговор со Бајден.
„Разговорот траеше долго. Разговаравме за дипломатските иницијативи за намалување на тензиите. Се договоривме за заеднички чекори во иднина. Му се заблагодарив на Бајден за неговата континуирана воена помош. Покрај тоа, беше разговарано и за можноста за обезбедување финансиска поддршка за Украина“, нагласи Зеленски.