Seda Sevencan
28 Јануари 2022•Ажурирај: 30 Јануари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека санкциите не се надвор од прашање и дека гасоводот „Северен тек 2“ може да биде запрен доколку Русија ја нападне Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА0.
Таа во ексклузивно интервју за „Си-ен-ен“ (CNN) изјави дека ништо не е надвор од прашање и дека сѐ е земено предвид.
Поморскиот гасовод „Северен тек 2“ минува под Балтичкото Море од Русија до Германија, заобиколувајќи ја Украина.
Потсетувајќи дека Европската комисија е одговорна за планирањето и обликувањето на санкциите во областа на технологијата, економијата и финансиите, Фон дер Лајен рече: „Ние сме многу јасни дека доколку има каква било натамошна агресија, воена агресија на Русија против Украина, ќе има огромни последици и тешки трошоци за Русија.“
Нагласувајќи дека ЕУ е најголемиот трговски партнер и најголемиот странски инвеститор на Русија, Фон дер Лајен рече: „Значи, овие бројки ви кажуваат дека имаме силна потпора и би било многу болно за Русија во случај да ја зголеми оваа агресија против Украина.“
Русија неодамна собра десетици илјади војници во близина на источната граница на Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва негира дека се подготвува за инвазија и рече дека нејзините војници се таму за вежби.
- Санкциите на ЕУ против Русија поради Украина -
Блокот воведува санкции за финансискиот, воениот и енергетскиот сектор на Русија од 2014 година, обвинувајќи ја Москва за дестабилизирачки активности во Украина.
Во рамките на ограничувањата, одредени руски банки и компании имаат ограничен пристап до пазарите на капитал на блокот, додека на операторите на ЕУ им е забрането да даваат услуги на руски финансиски институции.
ЕУ, исто така, ја ограничува трговијата со стоки поврзани со одбраната и чувствителни технологии кои би можеле да се користат во енергетскиот сектор на Русија.
Во 2014 година Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против Централната влада, политика што ја одржува оттогаш.
ЕУ постојано го осудуваше континуираното руско воено засилување во и околу Украина во последните месеци и се залагаше за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.