Riyaz Khaliq Khaliq
22 Јули 2022•Ажурирај: 22 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Кинескиот претседател Си Ѓинпинг денеска испрати порака во која му посака брзо закрепнување на американскиот претседател Џо Бајден кој е позитивен на коронавирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Би сакал да изразам искрени желби за брзо закрепнување на американскиот претседател“, истакнува Си во пораката.
Вчера, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, соопшти дека Бајден (79) имал многу благи симптоми и дека почнал да го зема лекот Паксловид против Ковид-19.
Бајден, откако на тестот се покажа дека е позитивен на вирусот, истакна дека се чувствува добро.
Тој во видеопорака рече: „Утринава бев позитивен на тестот за Ковид, но двапати сум вакциниран, со две бустер-дози; симптомите се благи. Навистина ја ценам вашата загриженост, но се чувствувам добро.“
Бајден моментално е во изолација во Белата куќа и „ќе продолжи целосно да ги извршува сите свои обврски за време на изолацискиот период“, додаде Жан-Пјер.