Gözde Bayar
06 Март 2022•Ажурирај: 07 Март 2022
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден вчера му кажал на својот украински колега Владимир Зеленски дека Вашингтон презел акции „за зголемување на трошоците на Русија поради нејзината агресија врз Украина“, соопшти Белата куќа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бајден го истакнал тоа во телефонскиот разговор со Зеленски, при што американскиот претседател нагласил и дека неговата „администрација ја зголемува безбедносната, хуманитарната и економската помош за Украина и работи со Конгресот за обезбедување дополнително финансирање“.
Тој ја поздрави одлуката на Виза и Мастеркард да ги прекинат услугите во Русија.
Бајден „ја повтори загриженоста за неодамнешниот руски напад врз украинската нуклеарна централа и ја пофали умешноста и храброста на украинските оператори кои ги одржаа реакторите во безбедна состојба“.
Лидерите разговараа и за неодамнешните преговори меѓу Русија и Украина.
Војната на Русија против Украина предизвика гнев кај меѓународната заедница, а ЕУ, САД, Велика Британија и други земји воведоа строги финансиски санкции кон Москва. Западот го снабдува Киев со оружје и хуманитарна помош.
Според податоците на ОН, од почетокот на војната на 24 февруари во Украина загинале најмалку 351 цивил, а 675 се повредени.
Над 1,3 милиони луѓе пребегале во соседните земји, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за бегалци при Обединетите нации.