Servet Günerigök
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден објави сеопфатна стратегија за борба против оруженото насилство во земјата, кое бележи раст од почетокот на пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во Белата куќа по состанокот на тркалезната маса за спречување на насилните кривични дела, Бајден најпрво се осврна на продавачите на оружје, велејќи дека 90 отсто од илегалното оружје пронајдено на местото на злосторството е продадено од 5 отсто од продавачите на оружје.
„И овие трговци со смртта го кршат законот за профит. Тие продаваат оружје што убива невини луѓе. Тоа е погрешно. Тоа е неприфатливо“, рече претседателот Бајден.
Тој додаде дека Министерството за правда ќе започне голема кампања насочена кон спречување на протокот на оружје што се користи за извршување насилни кривични дела.
„Нула толеранција за продавачите на оружје кои намерно ги кршат клучните постоечки закони и прописи. Да повторам: нула толеранција“, нагласи Бајден.
„Ако намерно продавате оружје некому на кого му е забрането да поседува, ако намерно не успеете да извршите проверка на неговото минато... мојата порака до вас е оваа: Ќе ве најдеме и ќе ја побараме вашата лиценца за продажба на оружје.“
„Ќе се осигураме дека нема да можете да продавате смрт и хаос по нашите улици. Тоа е злодело. Мора да заврши, и ние ќе му ставиме крај на тоа. Точка“, рече тој.
Американскиот претседател истакна дека спречувањето на нелегалната трговија со оружје е друга мерка за запирање на насилството и дека Министерството за правда подготвува пет нови ударни сили за сузбивање на нелегалната трговија со оружје во коридорите што снабдуваат оружје во градовите како Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес, Вашингтон и подрачјето на Заливот (Сан Франциско).
„Со овие ударни сили, локалните и федералните спроведувачи на законот, како и обвинителите, ќе можат подобро да ги координираат истрагите за нелегалната трговија со оружје низ градовите и сојузните држави“, рече Бајден.
Како трета мерка, дел од неговата стратегија, Бајден најави фондови за државите, градовите и окрузите за спроведување на законот и спречување на кривичните дела.
„Во услови на пандемија на Ковид-19, тие мораа да се справат со втората криза во јавното здравство: оруженото насилство. Американскиот план за спас, што го донесовме во првите 100 дена од мојата администрација, ја обезбедува неопходната, историска помош за враќање на работните места во секторот за спроведување на законот и социјалните услуги“, рече тој.
За четвртата мерка, Бајден кажа дека разговарал за потребата за поддршка на интервенирањето кон насилството во самите заедници, што претставува локална програма која ги користи доверливите членови и лидери на заедницата за работа со луѓе кои има голема можност да извршат кривично дело со оружје или да станат жртви на оружено насилство.
„Знаеме кои се. Тие интервенираат пред да биде предоцна - овие „прекинувачи“ - ја намалуваат температурата, го прекинуваат циклусот на одмазда, ги поврзуваат луѓето со социјалните служби. И тоа функционира“, рече Бајден.
Тој нагласи и дека програмите за интервенција кај насилствата во заедниците покажале намалување на насилството до 60 отсто на многу места.
Бајден го заврши излагањето со повик за обединети напори со цел намалување на оруженото насилство.
„Имаме можност да се обединиме сега - како демократи и републиканци, како сограѓани Американци - да ја исполниме првата одговорност на Владата и нашата демократија: да бидеме безбедни. Доста е.“