Ömer Faruk Yıldız
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Генералот Мин Аунг Хлаинг, водачот на воената администрација кој ја презеде власта во Мјанмар со државен удар, ги критикуваше земјите кои се обидуваат да се мешаат во внатрешните работи на Мјанмар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за медиумите по 9. Меѓународна конференција за безбедност која вчера се одржа во Москва, генералот Хлаинг наведе дека некои земји се мешале во внатрешните работи на Мјанмар под изговор на „демократијата и човековите права“.
Хлаинг, истакнувајќи дека ги отфрла меѓународните критики кон воената администрација на Мјанмар, рече дека единствената цел на воената администрација е да обезбеди политичка стабилност во земјата.
Во својот говор на 9. Конференција за меѓународна безбедност во Москва, Хлаинг ја критикуваше Владата на поранешниот де факто лидер на земјата и министерка за надворешни работи, Аунг Сан Су Чу.
„Претходната Влада лажира на избори и ја измами демократијата. Поради оваа измама, моравме да преземеме чекори за враќање на демократијата“, нагласи генералот Мин Аунг Хлаинг.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 877 цивили го загубија животот, а илјадници се приведени.
Додека во земјата се одржуваат демонстрации што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.