Ekip
02 Април 2020•Ажурирај: 03 Април 2020
АТИНА
Грчките власти го ставија во карантин бегалскиот камп во близина на главниот грчки град Атина, откако 20 лица во кампот беа тестирани на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кампот Ритсон, кој е лоциран околу 80 километри северно од Атина, беше веднаш ставен во карантин во наредните 14 дена, откако беше издадена наредба од министерот за азил и миграции, Нотис Митаракис, во соработка со заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Хардалиас, и шефот на Националната организација за јавно здравје, Панагиотис Аркуманеас.
Претходно оваа недела, една жена беше позитивна на вирусот откако се породила во грчка болница. Жената наводно била во контакт со лицата во кампот кои се позитивни на вирусот.
Според локалните медиуми, ниту едно од 20-те лица кои се тестирани на вирусот не пројавиле симптоми, додека лицата од персоналот кои работат во кампот се негативни на коронавирусот.
Локалните медиуми објавија дека Министерството за миграција ќе го надгледува спроведувањето на мерките во кампот, додека властите ќе ги покријат основните потреби на жителите, како што се храна и здравствена заштита.
Податоците на Универзитетот со седиште во Мериленд покажаа дека во светот се заразени речиси 937.600 лица, а повеќе од 47.000 лица починале. Над 194.000 лица се излекувале.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година, вирусот познат како Ковид-19 се прошири во најмалку 180 земји и региони.