Dildar Baykan
18 Април 2018•Ажурирај: 19 Април 2018
КОКС БАЗАР (АА) - ДИЛДАР БАЈКАН - Рохинџа муслиманите кои поради насилството во Мјанмар побегнаа во Бангладеш, не сакаат да се вратат во Аракан додека не им се дадат одредени гаранции и права, меѓу кои и право на државјанство.
Иако животот во камповите во Кокс Базар е далеку од совршен, особено ако се земат предвид екстремно високите температури и количината на влажност, многу бегалци и понатаму го сметаат кампот за подобар од она што го имале во Мјанмар.
Тие преживуваат благодарејќи на големиот број меѓународни организации, меѓу кои се оние на ОН, но и од Турција. Во очите на голем број деца при доаѓањето на странци може да се види недоверба, а неретко и страв, кој е сосема оправдан со оглед на преживеното. Сепак, и најмала помош е доволна за да се измами насмевката на нивните лица.
Во камповите се вршат различни едукации, но поради ограничените можности на организациите, децата немаат можност да се школуваат. Малку повеќе среќа имаше Јасин, кој и покрај сите недостатоци во камповите, животот во Бангладеш го смета за подобар од тиранијата со која се соочил во Мјанмар.
Една од многуте грижи и стравови на муслиманите од Аракан во последно време се монсунските дождови. Хуманитарните организации на тоа подрачје градат куќи, за луѓето да бидат сместени на безбедно за време на сезоната на монсунските дождови.
Во акцијата за преместување на побезбедни подрачја на муслиманите од Аракан, се вклучи и Владата на Бангладеш.
Рахматулах (50), кој е со потекло од Аракан, живее во еден од најголемите кампови на тоа подрачје, „Кутупалонг 3“.
Во Аракан работел во аптека, а едно утро по 25 август минатата година, забележал како мјанмарските војници започнале да го рушат селото.
„Сите селани беа изнесени надвор. Тука некои беа мачени. Кога се вратив пак во селото, сите куќи беа претворени во пепел. Се одлучивме на бегство“, рече тој.
Тој и неговото семејство преку планинските подрачја и преку море патувале до Бангладеш 14 дена. Иако со тешко срце го напуштиле нивниот дом, не сакаат да се вратат во Аракан под условите на договорот што го постигнаа владите на Мјанмар и Бангладеш.
„Се плашиме дека, доколку се вратиме во Мјанмар, ќе бидеме измачувани повторно. Поради тоа Мјанмар прво треба да ни даде државјанство, инаку нема да имеме никакви права, ниту безбедност. Затоа не сакаме да се вратиме“, појасни Рахматулах.
Во кампот „Кутупалонг 3“ живее и 70-годишниот Мухамед. Тој во Аракан се занимавал со земјоделство, но дошле мјанмарските војници и му кажале дека таа земја не му припаѓа, дека нема да може ништо да посади. Кратко потоа, во утринските часови видел запалени куќи и дворови.
Тој изјави дека мјанмарските војници ги напаѓале само куќите и дворовите што им припаѓаат на муслимани.
„Доколку не ни бидат дадени никакви права, пак ќе нè измачуваат во Мјанмар. Поради тоа не сакам да се вратам“, додаде тој.