Ömer Faruk Yıldız
10 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Безбедносните сили на Мјанмар извршија рација во седиштето на Националната лига за демократија (NLD), партијата на притворената поранешна министерка за надворешни работи и де факто лидерка на земјата, Аунг Сан Су Чи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На едно од видеата што го споделија демонстрантите на социјалните мрежи се гледа како припадници на Армијата и полицијата влегуваат во зградата на Националната лига за демократија (NLD) во градот Јангон.
Исто така, се гледа како безбедносните сили поставуваат барикади околу зградата на партијата и го блокираат влезот на демонстрантите.
Армијата на Мјанмар, на 1 февруари, денот на воениот удар, изврши рација во седиштето на Националната лига за демократија (NLD) и другите канцеларии на партијата и заплени компјутери и документи.
- Тешко повреден еден демонстрант -
Од друга страна, на протестите одржани вчера во главниот град Непидо, едно лице е тешко повредено, како резултат на отворен оган од страна на полицијата.
Според изјавата дадена од групите кои протестираат, 20-годишен студент, кој бил погоден од куршум испукан од безбедносните сили за да ја растераат толпата за време на протестите починал во болница.
Но, во изјавата од болницата дадена подоцна се наведува дека студентот не починал и дека не е во животна опасност.
Нема информации за тоа дали куршумот што го погодил ученикот бил вистински или пластичен.
Шест лица се повредени како резултат на интервенција на безбедносните сили со водени топови и пластични куршуми.
Во градот Јангон, снимено е како војската интервенира со вистински куршуми против демонстрантите.
- Протестите продолжуваат -
Во земјата веќе петти ден продолжуваат протестите против воениот удар, и покрај тоа што воената администрација прогласи воена состојба и полициски час во некои градови.
Во главниот град Непидо, една група владини службеници изјавија дека не ја признаваат воената администрација и започнаа штрајк.
Во Јангон, десетици илјади луѓе протестираа против пучот и побараа ослободување на притворените владини претставници.
Во градот Мандалај, голем број студенти и вработени демонстрираа против воениот удар во универзитетските кампуси.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.