Dilara Hamit
11 Август 2020•Ажурирај: 11 Август 2020
МИНСК
Министерството за внатрешни работи на Белорусија денес објави дека еден демонстрант загинал во протестите кои се покренати откако белорускиот претседател Александар Лукашенко го освои својот шести претседателски мандат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Белоруското МВР соопшти дека единиците на специјалните сили интервенирале на неовластените демонстрации во главниот град Минск, при што имало чести судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили.
Еден демонстрант загинал од експлозив што експлодирал додека го држел во раката во обид да го фрли врз безбедносните сили.
Оние кои протестираа против резултатите од претседателските избори, и покрај полициската интервенција, ги продолжија своите неовластени демонстрации во текот на целата ноќ.
Демонстрантите им се спротивставија на безбедносните сили фрлајќи молотови коктели и камења. Тие поставија и барикади изработени од железни шипки и канти за ѓубре на некои улици, палејќи автомобилски гуми.
И покрај честата интервенција на безбедносните сили кои користеа солзавец и зашеметувачки гранати, демонстрантите не можеа да бидат растерани.
Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите има повредени, а многу демонстранти се приведени.