Ali Cura
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
МИНСК (АА) - Министерството за одбрана на Белорусија соопшти дека нејзините вооружени сили започнале ненадејни вежби, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека е започната ненадејна проверка на силите за реакција во Вооружените сили на Белорусија, и дека воените единици ќе извршуваат воени вежби за подготвеност во војна, марширање до одредените области, а ќе се реализираат и борбени обуки.
Исто така, се наведува дека воените единици ќе дејствуваат во непознати области на теренот во ситуација која брзо се менува.
„Целта на вежбата е да се процени подготвеноста и способноста на војниците брзо да одговорат на евентуална криза“, се вели во соопштението.
Исто така, се додава дека составот на силите вклучени во вежбата постепено ќе се зголемува, со што ќе се овозможи тестирање на нивната способност за спротивставување на воените закани и на земја и од воздух.
„Континуираните активности се една од најефикасните форми на обука на војниците и не претставуваат закана ниту за европското општество како целина, ниту за соседните земји“, се нагласува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко вчера вечерта имаа телефонски разговор.