Dildar Baykan
16 Октомври 2017•Ажурирај: 16 Октомври 2017
ДАКА (АА) - Најмалку 12 лица смртно настрадаа при потонување на чамец во којшто се наоѓале аракански муслимани во обид да избегаат во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Припадникот на безбедносните сили на Бангладеш, Шеик Ашрафузаман, соопшти дека чамецот во утринските часови во морскиот простор Шах Порир Двипа, во Бенгалскиот Залив потонал поради пренатовареност.
Според неговите зборови, на чамецот се наоѓале околу 65 патници, од кои 21 е спасен. Ашрафузаман додаде дека меѓу 12 страдани има и шест деца. Во тек се акциите на спасување на исчезнатите.
Најмалку 184 лица од 25 август загинаа при потонување на пловило кое превезуваше муслимани од Аракан во Бангладеш.
Податоците на ОН покажуваат дека поради акциите кои Мјанмар ги води од 25 август во Аракан, во Бангладеш побегнале околу 536.000 аракански муслимани.
Во нападите настрадаа илјадници муслимани, а точниот број на жртвите не може да се утврди поради тоа што мјанмарската администрација не дозволува влез ниту излез од споменатото подрачје.
Мјанмарската војска и екстремистичките будисти запалија или во потполност уништија околу 200 села. Муслиманите од Аракан настојуваат преку планинското подрачје, реката Наф или преку море да преминат во Бангладеш.