Ekip
18 Јануари 2019•Ажурирај: 19 Јануари 2019
ДАКА (АА) - Повеќе од 800 Рохинџа бегалци во импровизираните и без никакви услови бегалски кампови во Кокс Базар, од крајот на минатиот декември се заразени со мали сипаници, а жителите во камповите очекуваат таа бројка да надмине 1.000, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението издадено од Светската здравствена организација (СЗО) се вели дека од 13 јануари е потврдено дека 832 Рохинџа бегалци, кои живеат во камповите, се заразени со мали сипаници.
„Партнерите во здравствениот сектор, предводени од Министерството за здравство во Бангладеш и СЗО, кои одговараат на епидемијата од мали сипаници, го засилија надзорот и започнаа со мерки“, се додава во соопштението.
„Надзорот е дополнително засилен во камповите на Рохинџите“, изјави д-р Бардан Џунг Рана, претставник на СЗО во Бангладеш.
Но се очекува бројот на Рохинџа бегалците што живеат во камповите да се зголеми уште повеќе.
Ансар Али (34), кој беше избран од Владата на Бангладеш за да помогне во одржувањето на законот и редот во неговиот камп, за АА изјави дека најмногу се засегнати жените и децата.
„Знам некои во нашиот камп [Кутупаланг] кои страдаат од оваа болест и земаа нормални лекови“, рече тој, осврнувајќи се на стандардната таблета или капсула за треска или главоболка и солен раствор за дизентерија, што обично се дистрибуираат до бегалците.
Во кампот се наоѓа и 60-годишната Насима Катун, која изјави дека во кампот се соочуваат со комарци и други инсекти, како и со стаорци, и многу од бегалците страдаат од различни болести.
„Постојано сме придружени со болести. Не ги знаеме имињата на сите болести. Ние само ги земаме достапните лекови што ни се служат“, изјави 75-годишниот Али Ахмад.
Муслиманите Рохинџа, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 Рохинџа муслимани, од кои најмногу деца и жени, избегаа од Мјанмар и преминаа во Бангладеш, откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој „Онтарио“ (OIDA), од 25 август 2017 година речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар.
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 беа претепани“, се вели во извештајот, насловен како „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.
Околу 18.000 жени и девојки се силувани од Војската и полицијата на Мјанмар, домовите на над 115.000 Рохинџи се запалени, а 113.000 вандализирани.
ОН документираа масовни силувања, убиства од страна на банди - вклучувајќи и убивања на бебиња и мали деца - брутални претепувања и исчезнувања извршени од страна на безбедносните сили на Мјанмар. Во својот извештај, истражителите на ОН наведуваат дека таквите прекршувања може да претставуваат злосторства против човештвото.