Barış Seçkin
25 Декември 2022•Ажурирај: 26 Декември 2022
ВАТИКАН (АА) - Духовниот лидер на католиците, папата Франциск, во својата традиционална божиќна порака порача дека светот денес страда од сериозен недостиг на мир, и упати молитви до Бог да ги просветли умовите на оние во чија моќ е да го запрат оружјето и веднаш да се прекине бесмислената војна во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нека ни се исполни погледот со лицата на нашите браќа и сестри од Украина, кои овој Божиќ го дочекуваат во темница, на ладно или далеку од своите домови, поради разорувањето предизвикано во десетмесечната војна“, рече папата Франциск во традиционалната порака „Urbi et orbi“ и продолжи:
„Нека Господ ни даде спремност за конкретни дела на солидарност за да им помогнеме на оние кои страдаат и нека го просветли умот на оние во чија моќ е да го замолчат оружјето и веднаш да се стави крај на оваа бесмислена војна.“
Нагласи дека „нашето време страда од сериозен недостаток на мир и во други краеви, во други средишта на оваа трета светска војна“.
„Да се потсетиме на Сирија, сè уште измачувана од судирот кој падна во втор план, но не заврши. Го молиме Господ да продолжи дијалогот и потрагата по заемна доверба меѓу Палестинците и Израелците“, порача папата.
За време на проповедта, папата спомена и други региони кои се борат со проблеми, како Либан, Сахел, Јемен, Мјанмар и Иран.
„Нека ги насочи срцата кон трајно примирје во Јемен и кон помирување во Мјанмар и Иран, да престане сето крвопролевање. Нека ги поттикне политичките власти и сите луѓе со добра волја на американскиот континент да работат на смирување на политичките и социјалните тензии со кои се погодени многу земји“, рече папата Франциск.
Нагласи дека на овој ден, на кој е убаво да се собере околу богата трпеза, не треба да се трга погледот од Витлеем, а да се потсети на оние кои трпат глад, особено децата, додека секој ден се фрлаат големи количини храна, а средства се трошат на оружје.
Папата рече дека војната во Украина дополнително ја влоши ситуацијата, изложувајќи цели популации на опасноста на бедата, особено во Авганистан и земјите од Рогот на Африка.