Tayfun Salcı
04 Октомври 2018•Ажурирај: 05 Октомври 2018
ЛОНДОН (АА) - Министерството за надворешни работи на Британија тврди дека руската военоразузнавачка служба ГРУ стои зад серија кибернапади изведени врз западните земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение што го објави ова Министерство, се вели дека ГРУ е поврзана со групите што изведоа кибернапади врз некои земји, меѓу кои е и Британија.
Британското Министерство соопшти дека според наодите на британскиот Национален центар за кибербезбедност, групите што ги извеле кибернападите, всушност се поврзани со руската военоразузнавачка служба.
„Овие напади отворено го прекршуваат меѓународното право и влијаеја врз голем број граѓани“, се вели во соопштението, додавајќи дека од нападите се погодени и некои руски компании.
Британското Министерство ја обвинува военоразузнавачката служба дека „тајно ги поткопува меѓународното право и меѓународните институции“, и додава дека постојат наоди за негово раководење со хакерските групи „Fancy Bear“, „Voodoo Bear“, „APT28“, „Sofacy“, „Pawnstorm“, „Sednit“, „CyberCaliphate“, „Cyber Berku“, „BlackEnergy Actors“, „STRONTIUM“, „Tsar Team“ и „Sandworm“.
Британското Министерство информираше дека меѓу другото, ГРУ е виновна за нападите со малициозниот софтвер „BadRabbit“ врз метрото во Киев, аеродромот „Одеса“, Руската централна банка и врз две руски медиумски институции.
Во соопштението се наведува дека постојат наоди дека военоразузнавачката служба стои зад преземањето на електронските адреси на еден британски телевизиски канал, хакирањето на компјутерите на американскиот Национален демократски конгрес и кражбата на доверливи медицински записи од Светската антидопинг агенција (WADA).
- На дневен ред дојде Скрипал -
Велика Британија претходно ја обвини руската военоразузнавачка служба за одговорна во труењето на двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.
Британската полиција, во врска со сторителите во случајот Скрипал, објави фотографија на двајца руски државјани, информирајќи дека станува збор за Руслан Боришов и Александар Петров. Британската премиерка Тереза Меј имаше соопштено „Нашата влада, констатираше дека двете лица откриени од полицијата, работат за руската военоразузнавачка служба ГРУ“.
Се тврди дека Боришов, всушност е полковникот Анатолиј Владимирович Чепига, кој е во служба на оваа разузнавачка служба.