Ayşe Büşra Erkeç
04 Октомври 2018•Ажурирај: 06 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската хуманитарна организација ИХХ достави хуманитарна помош за најмалку 7.400 жители на Индонезија, кои неодамна беа погодени најпрво од земјотрес, а потоа и од цунами, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Турската хуманитарна организација е наведено дека нејзините членови по цунамито отпатувале во Индонезија, каде што во градовите Палу, Донгала и Макасар досега поделиле хуманитарна помош за најмалку 7.400 жители.
На Индонезијците погодени од катастрофата се поделени пакети со помош со основни намирници, како што се ориз, сол, шеќер и други намирници.
Членовите на оваа хуманитарна организација од самиот почеток на населението му обезбедија и питка вода.
Покрај доставувањето хуманитарна помош, екипите на Турската хуманитарна организација го снимија регионот со помош на дрон, со што им помагаат на локалните власти за да се утврди штетата која настана по земјотресот и цунамито.
Од Организацијата порачуваат дека помошта кон Индонезија ќе биде продолжена.
Катастрофата го погоди градот Палу и околното подрачје во Централен Сулавеси минатиот петок. Подрачјето прво го погоди силен земјотрес со магнитуда од 7,5 степени, а потоа и цунами.