Ekipa
19 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
ИДЛИБ (АА) - Откако јавноста дозна за случајот на двомесечниот Карим од Источна Гута, Сирија, кој се бори за живот откако беше тешко ранет, а остана и без мајка, започнаа бројни кампањи во знак на солидарност и поддршка, јавува Anadolu Agency (AA).
Во сирискиот град Идлиб организирана е велосипедска трка на која се пријавија 25 учесника.
Бесам Латуф, претседател на Фудбалскиот клуб Ел Тедамун, за АА рече дека во знак на солидарност со бебето Карим одлучиле да ја организираат трката.
„Сакаме конечно да престане опсадата на градот и да имаме подобри услови за бебињата и за сите ранети кои се изложени на бомбардирања“, рече Латуф.
Петнаесетгодишниот Маџид Хамза, кој победи во трката, изјави дека одлучил да учествува за да го сврти вниманието кон бебето Карим и кон останатите жители на Источна Гута, која е под опсада на сирискиот режим.
„Велосипедот што го освоив го поклонувам на децата од Источна Гута“, рече ова момче.
Исто така, бројни корисници преку социјалната мрежа „Twitter“ (Твитер) со затворање на левото око испратија порака на поддршка и солидарност со двомесечниот Карим.
На ист начин, пораки за поддршка испратија и лекарите од болниците во сирискиот град Идлиб.
Цивилите во Источна Гута кај Дамаск преживуваат вистински кошмар, поради повеќегодишната опсада и постојаните воздушни и артилериски напади на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Симбол на отпорот на цивилите во Источна Гута, која е под опсада уште од крајот на 2012 година, е бебето Карим, кое се бори за својот живот откако неодамна остана без мајка.
Речиси 400.000 цивили во Источна Гута веќе пет години преживуваат под опсада на силите на Асадовиот режим. Регионот го контролираат опозициските сили, а станува збор за една од четирите „зони без судири“, за кои, со посредство на Турција, Русија и Иран, е договорено примирје.