Mahmut Atanur
03 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
ЏАКАРТА (АА) – Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 6,8 степени што се случи во Амбон, главниот град на провинцијата Малуку, во Индонезија, се зголеми на 36 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според весникот „Темпо“, претседателката на Агенцијата за управување со катастрофи во Малуку, Фарида Салампеси, истакнала дека според податоците од областите погодени од земјотресот, бројот на загинати од 30 се искачил на 36 лица.
Салампеси рече дека во Амбон животот го загубиле 11 лица, во централниот дел на Малуку 15, а во регионот на Серам 10 лица.
Претставници на Националната агенција за управување со катастрофи наведоа дека во земјотресот оштетени се повеќе од 6.000 градби и дека продолжува помошта за лицата кои се погодени од земјотресот.
Во меѓувреме, во регионот поради земјотресот е прогласена вонредна состојба до 9 октомври.
Во регионот Тернат во провинцијата Малуку, 6 лица загинаа во земјотресот со јачина од 7,3 степени што се случи на 14 јули.