Ekipa
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
МОГАДИШУ (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) по 28 години повторно ја отворија својата амбасада во Сомалија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Соединетите Американски Држави со гордост го објавуваат повторното отворање на Амбасадата на САД во Могадишу“, се вели во соопштението на Мисијата на САД во Сомалија.
Во него се вели дека и покрај затворањето на Амбасадата, САД никогаш не ја игнорирале Сомалија и не престанале да соработуваат со земјата.
„Од нејзиното затворање на 5 јануари 1991 година, Соединетите Американски Држави (САД) го задржаа своето партнерство со сомалискиот народ, вклучително и повторното воспоставување трајно дипломатско присуство во Могадишу во декември 2018 година со американската Мисија во Сомалија“.
Во соопштението се истакнува дека повторното отворање на Амбасадата во Могадишу е уште еден чекор кон продолжување на американско-сомалиските односи, „симболизирајќи го јакнењето на односите помеѓу САД и Сомалија, и унапредувањето на стабилноста, развојот и мирот во Сомалија и регионот.“
Амбасадорот Доналд Јамамото истакна дека на овој начин се реафирмираат односите меѓу американскиот и сомалискиот народ.
„Ова е значаен и историски ден што го отсликува напредокот на Сомалија во последниве години, и уште еден чекор кон регулирањето на американскиот дипломатски ангажман во Могадишу од признавањето на Федералната влада на Сомалија во 2013 година“, рече Јамамото.