Dilara Hamit, Seda Sevencan
30 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 153 лица загинаа, меѓу кои најмалку 20 странци, во стампедото во Јужна Кореја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 82 лица, од кои 19 се во тешка состојба, се повредени, јави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на противпожарните служби.
„Најмалку 97 од загинатите во стампедото се жени“, соопшти Чои Сеонг-беом, началникот на противпожарната служба во Јонгсан, Сеул.
Во најголемото стампедо што досега се има случено во Јужна Кореја животот го загубија и државјани на Кина, Иран, Русија, САД, Узбекистан и Норвешка.
Додека противпожарните служби соопштија дека бројот на загинати странски државјани се искачил на 22, Министерството за внатрешни работи на земјата соопшти дека бројката е 20, јави „Јонхап“.
Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-Јол, прогласи национална жалост поради несреќата.
„Навистина е ужасно“, рече Јун, додавајќи дека „трагедијата и катастрофата никогаш не требаше да се случат“.
Според властите, најголем број од загинатите се од возрасната група од 20 до 30 години.
Властите на Сеул соопштија дека добиле 355 пријави за исчезнати поврзани со стампедото.
Градоначалникот на Сеул, Ох Се-Хун, го прекина своето патување во Европа за да се врати во земјата.
Стампедото се случи синоќа во близина на хотелот Хамилтон во забавната зона Итаевон, откако се верува дека голем број луѓе влегле во тесна уличка, по што настанало стампедо.
Десетици илјади луѓе ја посетија областа поради забавите по повод Ноќта на вештерките.
Тоа беше првиот организиран настан по повод Ноќта на вештерките во Сеул по три години, откако Јужна Кореја укина многу ограничувања воведени поради коронавирусот.
Туркије денес упати сочувство за загинатите и повредените во стампедото.
„Изразуваме сочувство до роднините на оние кои ги загубија животите, како и до пријателскиот народ и Владата на Република Кореја и им посакуваме брзо закрепнување на повредените“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.