Ekip
03 Август 2018•Ажурирај: 04 Август 2018
ПЕКИНГ (AA) - Високорангиран будистички свештеник во Кина е под истрага на Владата поради обвиненија за сексуално злоупотребување, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинението за вознемирување и барање сексуални услуги од бројни монаси против Ши Шјуеченг е напишано на 95 страници. Го составиле двајца свештеници во Центарот за будистичко учење во Пекинг.
Документот кој содржи сведочења на наводните жртви се појави оваа седмица на социјалните мрежи. Предизвика жестоки реакции и нетипичен интерес на државните медиуми пред да биде цензуриран.
Кинеската државна управа за религиски работи во четврток соопшти дека ќе ги истражи сите тврдења. Свештеникот и манастирот во кој служи реагирале на обвиненијата.
Шјуеченг, водач на Асоцијацијата на будистите во Кина, која е советодавен орган на централната Влада, е последен во низата високорангирани машки лица под истрага за сексуални злодела. Познати универзитетски професори, активисти и јавни личности на социјалните мрежи се обвинети и се под истрага.
Шјуеченг (51) е позната религиска личност во Кина. Објавил бројни книги, а неговите дневни објави на блог ги следат бројни Кинези. Во најмногубројната земја на светот, Кина, живеат околу 250 милиони будисти и голем дел од нив ги следат религиите со будистички елементи.
„Свиркачите од манастирот Лонгкуан се претставија како доктори на науки кои се замонашиле пред 10 години. Собрале снимки, пораки и изјави на жените кои тврдат дека Шјуеченг им испраќал сугестивни пораки или ги присилувал на секс. Во обвинението се финансиски извештаи што сугерираат дека проневерил 1,5 милиони долари“.
Шјуеченг во среда ги отфрли обвиненијата.
Во согласност со будистичката традиција, Шјуеченг со прифаќање на монашкиот живот се согласил на целибат.