Ekipa
03 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) - Владејачката Конзервативна и опозициската Лабуристичка партија претрпеа тешки загуби на вчерашните избори за локалните совети, а гласачите ги казнија за ќор-сокакот со Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
Либералдемократите, од друга страна, постигнаа голем успех, преземајќи многу совети што некогаш беа раководени од конзервативците и лабуристите. Нивниот успех претставува промена во јавното мислење, бидејќи британските гласачи им го свртија грбот на двете најголеми партии во Велика Британија. Партијата на зелените и независните, исто така, постигна напредок.
„Не сметам дека луѓето се среќни. Луѓето кои гласаа за да останеме нѐ обвинуваат дека заминуваме, а луѓето што гласаа за да заминеме нѐ обвинуваат зошто сме сѐ уште тука“, изјави за дневниот весник „Гардијан“ Тим Ворен, поразениот советник од конзервативците.
„Мислам дека е речиси антиполитички. Мислам дека многу луѓе не излегоа и мислам дека сакаат да нѐ казнат поради недостаток на акција во Владата, да бидам искрен“, додаде тој.
Гледајќи ја ситуацијата преку бројки, конзервативците изгубија 329 места во локалните совети, додека лабуристите загубија 80. Либералдемократите, пак, од друга страна, освоија 228 места, Зелената партија освои 33, а независните 181 место.
Конзервативците очекуваа да се соочат со голем неуспех, при што многу пратеници конзервативци признаа дека вчерашната загуба ја претставува фрустрацијата на гласачите поради неуспехот на Владата во врска со Брегзит и неуспехот да реши и други национални прашања, како и поради хаотичното раководење на премиерката Тереза Меј.
Лабуристите, исто така, очекуваа да бидат казнети поради нивниот неодреден и честопати нејасен став за Брегзит. Многу поддржувачи на лабуристите и нивни членови, кои се проевропски ориентирани и кои се залагаат за втор референдум за членството во ЕУ, им го свртеа грбот на лабуристите поради нивното колебање да поддржат отворено гласање на граѓаните и им го дадоа својот глас на либералдемократите.
Локалните избори се гледаат како референдум за справување со процесот на Брегзит од најголемите партии, а успехот на либералдемократите укажува на тоа дека гласачите им го вртат грбот на двете најголеми партии во Велика Британија.