Hasan Esen
20 Септември 2021•Ажурирај: 20 Септември 2021
ЛОНДОН
Во Велика Британија, тинк-тенк организација предупреди дека земјата се соочува со „недостаток на бебиња“ што може да доведе до долгорочна економска рецесија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во студијата на Фондацијата за социјален пазар (SMF) се посочува дека наталитетот во Англија и Велс го достигнал својот врв од 1964 година кога просечниот број на деца по жена изнесуваше 2,93.
Но, минатата година тој број падна на 1,58. Бројката што е потребна за стабилност на односот на населението изнесува 2,1. Во Шкотска бројката дури е намалена на 1,29.
Во извештајот се предупредува дека оваа ситуација ќе доведе до недостаток на население на работоспособна возраст во иднина и се додава:
„Во моментов, околу 3 од 10 вработени се постари од 65 години. Но, во следните 10 години тој број ќе се искачи на 3,5, а до 2060-тите бројот ќе се искачи на 4.“
Меѓу другото, во извештајот се проценува дека една четвртина од Британците ќе бидат над 65 години до 2050 година.
„Оваа комбинација од помалку население на работоспособна возраст и поголема потреба за економска поддршка очигледно ќе има негативно влијание врз продуктивниот капацитет на економијата“, се нагласува во извештајот.
Во извештајот се предупредува дека „недостатокот на бебиња“ ќе доведе до долгорочна економска рецесија, и се посочува дека во некои земји, како што е Франција, се вршат директни исплати за поттик на родителите со цел да се зголеми бројката на новороденичиња.