Laura Gamba Fadul
13 Октомври 2021•Ажурирај: 14 Октомври 2021
БОГОТА
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро во вторникот изјави дека шпанскиот крал Фелипе VI би требало да се извини за геноцидот врз домородците во Америка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние им се придружуваме на гласовите што се појавуваат во Америка, барајќи од шпанскиот крал да исправи, размисли и да се извини на Латинска Америка и на Карибите за 300-годишниот геноцид над домородниот народ“, рече Мадуро.
Венецуелскиот лидер го критикуваше шпанското одбележување на Денот на Шпанија, националниот празник во Шпанија, кој се слави на 12 октомври, денот кога Кристофер Колумбо првпат стапна во Америка во 1492 година.
„Тоа е огромна навреда за споменот на мажите и жените што ги убиле. Пред повеќе од 500 години, Шпанското Царство уби, протера и зароби милиони домородци. Тие дојдоа тука да ги нападнат, колонизираат и масакрираат нашите баби и дедовци. Шпанија мора да се извини на цела Америка“, напиша Мадуро на Твитер.
Тој најави дека ќе испрати писмо до шпанскиот крал да „размисли“ за настаните што го одбележаа „колонијализмот и геноцидот“ во Латинска Америка, и нагласи дека „Шпанија, исто така, има добра, славна, херојска историја во борбата против колонијализмот и вазалството.“
Жителите на земјите од Латинска Америка, вклучително и Мексико, Гватемала, Хондурас и Еквадор, вчера излегоа на улиците за да ги заштитат правата на домородните луѓе погодени од европските имигранти.
Ова не е првпат лидер од Латинска Америка да побара извинување од Шпанија.
Во 2019 година, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор испрати писмо до шпанскиот крал Фелипе VI и папата Франциск, барајќи од нив да се извинат за кршењето на човековите права извршени за време на освојувањето на регионот пред 500 години.
Шпанската Влада тогаш издаде соопштение во кое „цврсто го отфрли“ таквото тврдење.