Servet Günerigök
15 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека се воведени санкции врз две турски министерства и тројца високи владини претставници во врска со антитерористичката операција на Турција во североисточна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Вашингтон воведе санкции врз турското Министерство за национална одбрана и Министерството за енергетика и природни ресурси, како и за министерот за одбрана, Хулуси Акар, министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, и министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.
„Подготвени сме по потреба да воведеме додатни санкции врз официјални лица и субјекти на Владата на Турција“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.
Според американските закони, оние што се споменати на листата на санкции се соочуваат со блокирање на нивните поседи (доколку ги имаат) и се спречени да имаат трговски односи со САД.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турските граници и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара сака да ја исчисти северна Сирија, подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.
Соопштението беше објавено веднаш откако американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација „наскоро“ ќе издаде извршна наредба со која се овластува евентуално изрекување санкции на Турција, вклучително и на сегашни и на поранешни владини претставници.
Во изјавата објавена на Твитер, тој додаде дека тарифите за челикот повторно ќе бидат зголемени на 50 отсто и преговорите за трговскиот договор вреден 100 милијарди американски долари ќе бидат запрени „веднаш“ од страна на Секторот за трговија на САД.
На прес-брифингот со секретарот за финансии, Стив Мнучин, потпретседателот Мајк Пенс рече дека Трамп побарал од Турција да престане со својата операција и да дојде до непосреден прекин на огнот, и да започне преговори со ПЈД/ЈПГ.
„Претседателот ми наложи да ја водам делегацијата во Турција за да се започне со овие разговори“, рече Пенс.
Турските лидери во повеќе наврати нагласуваат дека операцијата не е насочена против Курдите, спротивно на реториката од антитурските кругови, кои тврдат дека Турската армија им штети на цивилите и борбата против остатоците од терористичката организација ДЕАШ.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ќе ја преземе одговорноста за елементите на ДЕАШ кои се држат во притворните центри во северна Сирија.