Erdoğan Çağatay Zontur
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
АКСАРАЈ/БАЛИКЕСИР/КОЊА/АДАНА (АА) - Државното обвинителство на Турција утринава издаде налози за лишување од слобода на 63 осомничени лица кои се товарат за членство во терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Налозите се издадени во рамките на истрагата која турските обвинителства ја водат за ФЕТО-елементите инфилтрирани во Турските вооружени сили и другите институции на таа земја.
Обвинителството во Адана нареди приведување на 17 осомничени лица, додека Обвинителството во Аксарај издаде налози за приведување на 20 осомничени лица.
Постапувајќи по налозите на обвинителствата, турската полиција започна акција за приведување на осомничените во 23 градови низ Турција.
Паралелно со тоа, турското Обвинителство во Коња издаде налози за приведување на 15 осомничени лица, а полицијата трага по нив во 12 градови. Досега се приведени тројца осомничени.
И Обвинителството во Баликесир издаде налози за приведување на 11 осомничени. Досега се приведени и на надлежните институции за процесуирање им се предадени осум осомничени лица.
Сите осомничени за кои турската полиција утринава трага се товарат дека биле членови на терористичката организација ФЕТО и дека со посредство на специјални канали за комуникација имале контакт со други членови на таа терористичка мрежа. Меѓу осомничените се и повеќе активни припадници на Турската војска.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција формално го побара од САД.
Припадниците на терористичката организација со години преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство преку наместен процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули 2016 година офицерите во Турската војска лојални на таа терористичка организација започнаа обид за пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во којашто е активна, а на тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а беа ранети околу 2.200 лица.