Gökhan Kavak
14 Декември 2017•Ажурирај: 16 Декември 2017
АБУЏА (АА) - Нигерија е африканска држава позната по својата мултиетничност и мултиконфесионалност, во која денеска се зборуваат околу 450 јазици, а во изминатиот век од употреба исчезнале најмалку 70 јазици, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувачите тврдат дека најголемата причина за исчезнувањето на локалните јазици во Нигерија и останатиот дел на Африка се колонизаторското минато на тој регион, потоа фактот дека трговијата се извршува на јазици кои се пошироко познати и постојаното намалување на популациите кои зборуват автохтони племенски јазици.

За проблемот на исчезнувањето на локалните јазици во Нигерија, новинарот на АА разговараше со професорите Усман Усеин Феги, Ибрахим Гарбом Сататима и Алију Муса од Универзитетот Бајеро во Кано.
„Факт е дека имаме тренд на исчезнување на јазици на теренот. Во почетокот на 20. век во Нигерија се зборуваа 520 јазици, но многу од нив во меѓувреме исчезнаа од различни причини. Денеска службен јазик во Нигерија е англискиот, а најпознати локални јазици се Хауса, Јоруба и Игбо”, рече Феги.
Потсетувајќи дека бил учесник на конференцијата и истражувањата кои 2014 година се организирани со поддршка на нигериската влада, проф. Феги рече дека во таа прилика е утврдено дека во Нигерија моментално се употребуваат околу 450 автохтони јазици.
Истакнвајќи дека ерозијата на повеќејазичното богатство на Нигерија започнало со британската колонизација 1914 година, проф. Феги рече дека Нигерија, по добивањето на својата независност во 1960 година, го вовела англискиот јазик како службен јазик.
„Англискиот јазик на тој начин стана основно средство за комуникација во службените и деловните кругови. Англискиот воедно стана и доминантен јазик и во секторот на образованието, а сето тоа доведе до исчезнување на голем број локални јазици кои го зборуваа помалите групи во земјата”, истакна Феги.
Тој наведе дека англискиот јазик воглавно се зборува во големите градови на Нигерија, како што се Лагос и Абуџа, а населението на периферијата продолжува да ги користи автохтоните локални јазици.
И професорот и истражувач Сататима предупредува на погубниот тренд на исчезнување на јазици во Нигерија. Како еден од главните фактори на тој проблем ја наведува трговијата, која е една од главните гранки на економијата во земјата.
Тој укажува на тоа дека трговијата воглавно се одвива на англиски јазик и трите најпознати нигериски јазици, што во подредена положба ги доведува останатите стотици локални јазици.
„Се разбира дека и намалувањето на бројката на населението предизвикува исчезнување на јазиците. Во тој контекст можеме да препознаеме уште многу други загрозени јазици на кои им се заканува исчезнување заедно со популацијата која ги зборува”, рече Сататима.
Во Нигерија живеат околу 200 милиони жители, и според професор Муса, еден од причините за постоењето на голем број јазици е постоењето на етнички, односно племенски заедници кои настанале како последица на трговијата со робје.
Тој потсети на робовладетелската ера во историјата на Африка и наведува дека ослободените робови имале голем придонес во јазичната разновидност во Нигерија.