Ikrame Imane Kouachi
03 Јули 2025•Ажурирај: 04 Јули 2025
АНКАРА (АА) – Најмалку 63 Палестинци се убиени во нов бран смртоносни израелски воздушни напади низ Појасот Газа денес, додека Израел ја ескалира својата геноцидна војна врз цивилите во енклавата, соопштија медицински лица, јавува Анадолу.
Палестинската државна новинска агенција Вафа, повикувајќи се на медицински извори, соопшти дека 28 Палестинци кои чекале да добијат хуманитарна помош се убиени од оган на израелската армија во централна и јужна Газа рано утринава.
Израелски воени авиони, исто така, го бомбардираа училиштето „Мустафа Хафез“ во западниот дел на градот Газа, каде што се засолнети стотици раселени цивили, при што се убиени 13 лица, а десетици се повредени, соопшти Вафа.
Во централниот град Беит Лахија, три лица се убиени во артилериско гранатирање насочено кон собир на цивили, соопштија медицински лица.
Уште три лица, меѓу кои и една жена, се убиени, а неколку се повредени во напад врз шатори за раселени семејства во областа Ал-Маваси во Кан Јунис во јужна Газа.
Уште еден Палестинец е убиен, а тројца се ранети во друг израелски напад во близина на центар за нега во Џабалија во северна Газа.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија уби повеќе од 57.000 Палестинци во смртоносната офанзива во Појасот Газа од октомври 2023 година.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна против енклавата.