Mustafa Melih Ahıshalı
04 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Смртната казна за Емир Рахимпур, кој во Иран беше осуден за шпионирање во име на Соединетите Американски Држави (САД), е потврдена и од страна на Врховниот суд, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според новинската агенција „Фарс“, портпаролот на иранското судство, Гулам Хусеин Исмаили, на прес-конференција во главниот град Техеран рече: „Врховниот суд ја потврди смртната казна за Емир Рахимпур, кој е обвинет за шпионажа за американската разузнавачка агенција ЦИА и за пренесување информации за иранските нуклеарни активности.“
- Две лица во затвор под обвинение за шпионажа за САД -
Исмаили, исто така, изјави дека уште две лица, кои работеле во хуманитарни организации, се обвинети за шпионажа за САД и се осудени на 15 години затвор.
Тој рече дека овие две лица се казнети под обвинение за „протекување информации во САД, шпионирање и работење против националната безбедност“.
Портпаролот не даде никакви информации во врска со идентитетот на лицата.
Иранското Министерство за разузнавање, во соопштението од јули 2019 година истакна: „Има 17 затвореници кои шпионирале во име на Соединетите Американски Држави, а некои од нив осудени се на смртна казна“.