Mıchael Gabrıel Hernandez
04 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави денес изразија солидарност со Турција, откако во нападите на сирискиот режим загинаа и се ранети неколку турски војници, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Заедно сме со нашиот сојузник од НАТО по ваквите акции, упатуваме сочувство до турската Влада по смртта на нивните луѓе и во потполност ги поддржуваме оправданите акции на Турција како одговор во самоодбрана“, изјави портпаролката на Стејт департментот за АА.
Таа изјави дека се во постојан контакт со турската Влада во врска со случувањата во Сирија.
„Дестабилизирачките акции на Русија, иранскиот режим, Хезболах и режимот на Асад пречат во воспоставувањето прекин на огнот во Сирија на целиот нејзин простор, како што налага и резолуцијата на ОН, како и на безбедното враќање на стотици илјади раселени лица од северниот дел на Сирија во нивните домови“, изјави портпаролката, која сакаше да остане анонимна.
Таа напомена дека никако не смее да се дозволи реинтеграција на режимот на Башар ал Асад во меѓународната заедница.
„Соединетите Американски Држави ќе сторат сè што е во нивна моќ за да ја блокираат секоја реинтеграција на режимот на Асад во меѓународната заедница сè додека не ги исполни сите одредби од резолуцијата на ОН, вклучувајќи го и прекинот на огнот во целата земја, вклучувајќи го и Идлиб“, додаде таа.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, во понеделникот изјави дека турските сили како одговор на нападот од силите лојални на режимот на Башар ал Асад гаѓале 54 негови позиции во Сирија и неутрализирале 76 припадници на режимските сили.
Министерството за одбрана на Република Турција вчера соопшти дека бројот на загинати во нападот на режимските сили во Идлиб, извршен и покрај претходно координираните активности за позицијата на турските сили, е зголемен на шест, откако подлегнаа ранет војник и цивилен службеник.
Од Министерството потсетија дека режимските сили извршиле интензивен напад врз припадниците на Вооружените сили на Турција (ТСК) пратени со цел спречување на судирите во Идлиб.