Turgut Alp Boyraz
09 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
ДОХА (АА) - Иако неколку арапски земји предводени од Саудиска Арабија воведоа економско и политичко ембарго кон Катар, тоа не се одрази на рамазанската атмосфера во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Улиците, урбаните градини и трговските центри во главниот град Доха, во времето по ифтар се преполни со граѓани.
По ифтарот, едно од најпосетените места во Доха е шарениот пазар, Суг Вакиф, познат по зачините, парфемите и свилите.
Новинарите на АА потврдија дека не се точни наводите на одредени медиуми, кои ден откако дојде до дипломатската криза, објавија дека жителите на Катар се упатиле кон маркетите и дека полиците во маркетите се речиси празни.
Вработените во маркетите во Доха изјавија дека првиот ден од дипломатската криза предизвикал шок кај граѓаните, но сето тоа е надминато и состојбата е вратена во нормала.
Тие порачаа дека граѓаните не гледаат никаква причина за купување на поголеми количини храна.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАР), Египет, Бахреин и Јемен во понеделникот соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски врски со Катар, земја која ја обвинуваат за дестабилизација на регионот.
Саудиска Арабија, ОАР и Бахреин го затворија својот воздушен простор за Катар и наредија дипломатите на Катар да ја напуштат земјата во рок од 48 часа. Властите на Јордан исто така се придружија на Саудиска Арабија и на другите земји и најавија деградација на дипломатските односи со Катар.