Tayfun Salcı
09 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј изјави дека новата влада ќе ја формира со коалиција со северноирската Партија на демократско единство (ДУП), јавува Anadolu Agency (AA).
Во Велика Британија вчера се одржаa предвремените парламентарни избори на кои владејачката Конзервативна партија го изгуби мнозинството во парламентот и освои 318 пратенички места. За мнозинството потребно за формирање на самостојна влада недостигаат уште најмалку осум пратенички места.
Премиерката денес во Бакингемската палата се состана со британската кралица Елизабета и по состанокот, пред новинарите изјави дека новата влада наскоро ќе ја фомира со поддршка на политичката опција ДУП, која на вчерашните избори освои десет парламентарни мандати.
Тим Фарон, лидерот на Либерално-демократската партија, која вчера освои 12 мандати, денес изјави дека премиерката Меј се обидува да состави коалиција од „сопствениот хаос“.
Обвинувајќи ја премиерката дека се коцка со иднината на земјата, Фарон ја повика да поднесе оставка на владата.
И лидерката на Шкотската национална партија (СНП), која од 56 падна на 35 парламентарни мандати, Никола Старџен, исто така изјави дека премиерката Меј води кампања во хаос и дека е подготвена да соработува со другите опозициски партии за да се спречи формирање на нова конзервативна влада.
Владата на Велика Британија на 19 јуни би требало да ги започне преговорите со Брисел за излез на земјата од ЕУ, а премиерката Меј вонредните избори ги распиша за да добие уште постабилна поддршка во парламентот, но го изгуби и мнозинството што го имаше и сега се обидува да формира коалициска или малцинска влада.