İdris Okuducu
20 Јуни 2017•Ажурирај: 21 Јуни 2017
МОСУЛ (АА) - Најмалку двајца новинари загинаа, а двајца се повредени при набљудувањето на конечната битка за ослободување на Стариот град во Мосул, последното упориште на терористите на ДЕАШ во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Службениците од францускиот конзулат во Ербил за АА потврдија дека францускиот новинар Стефан Вилнев вчера нагазил на мина во Мосул, а утрово починал во болницата.
Во несреќата беа повредени уште двајца француски новинари кои денес ќе бидат префрлени со амбулантен авион на лекување во Франција.
Истовремено, и ирачкиот новинар Бахриар Хадад во текот на вчерашното известување од Мосул нагазил на мина и загинал на местото на несреќата.
Терористите на ДЕАШ од летото 2014 година го контролираат Мосул.
По тримесечна акција, обединетите ирачки сили со поддршка од меѓународната коалиција во јануари го ослободија источниот дел на Мосул, а на 19 февруари започнаа акција за ослободување на центарот на градот, кој се наоѓа на западниот брег на реката Тигар.
Ирачките сили во уличните борби го стегнаа обрачот околу терористите на ДЕАШ кои го контролираат само јадрото на градот.
Некогашниот втор по големина ирачки град е најголемото упориште на ДЕАШ и самопрогласена престолнина на т.н. калифат, а ирачките сили најавија дека тој ќе биде симбол на падот на тероризмот во земјата.