Zehra Ulucak
30 Декември 2018•Ажурирај: 31 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Најмалку 17 лица загинаа, а 64 се повредени во немирите за време на денешните парламентарни избори во Бангладеш, пренесува Anadolu Agency (AA).
Под максимални безбедносни мерки, во Бангладеш денес се одржаа 11. по ред парламентарни избори на кои право на глас имаа над 104 милиони гласачи.
Избирачките места низ Бангладеш беа отворени во 8:00, а беа затворени во 16:00 часот по локално време.
Во 13 региони дојде до немири на улиците и судири меѓу приврзаниците на владејачките и опозициските блокови. Дневниот весник „Дејли стар“ (Daily Star) јавува дека најмалку 17 лица загинале, а дека 64 повредени лица се хоспитализирани.
Локалните медиуми, исто така, јавуваат дека се приведени 8 лица.
Полицискиот инспектор Мухамед Џавад Патвари соопшти дека изборите минале мирно и достоинствено, со неколку помали исклучоци.
Од друга страна, лидерите на опозицијата тврдат дека имало бројни нерегуларности и изборна кражба.
Во изборната трка учествуваа вкупно 39 политички партии концентрирани во три политички блока.
Владејачката лига Авами на премиерката Шеик Хасина ја предводи Големата коалиција, а опозициската Национална партија (BNP) е на чело на Коалицијата за национално единство. Третиот блок, односно Демократска коалиција, ја сочинуваат левичарски партии.
Вкупно 1.848 кандидати се натпреваруваат за влез во Парламентот, кој брои 300 пратенички места.
Најголема опонентка на премиерката Хасина е поранешната премиерка и лидерка на Националната партија, Халида Зија, на која судот ѝ забрани да учествува на изборите поради обвиненија за корупција.
Опозицијата моментално ја предводи 82-годишниот Камал Хусеин, кој претходно беше член на владејачката Авами лига.
Војската и полицијата преземаат максимални безбедносни мерки низ Бангладеш, а беше соопштено дека најмалку 650.000 војници и полицајци се ангажирани на избирачките места и на улиците.
Максималните безбедносни мерки се најавени до среда, до кога би требало да бидат познати и резултатите од изборите.