Muhammet Nazım Taşcı
24 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
ИСЛАМАБАД (АА) – Еден пакистански војник загина во судирот меѓу Индија и Пакистан на контролната линија во Кашмир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Единицата за односи со јавноста на пакистанската Армија соопшти дека индиските единици го прекршиле примирјето во регионот Сатвар.
Во соопштението се тврди дека пакистанската Армија веднаш одговорила на кршењето на примирјето и им нанела голем број жртви на индиските единици.
Исто така се додава дека во судирите загинал еден пакистански војник.
Во пограничната област меѓу двете земји често настануваат судири.
Двајца индиски и двајца пакистански војници загинаа во судирот што на 9 декември се случи меѓу Индија и Пакистан на контролната линија Кашмир.
Пакистан и Индија меѓусебно се обвинуваат за неоправдано кршење на Договорот за прекин на огнот во Кашмир потпишан во 2003 година.
-Кризата во Кашмир -
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година, кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се припои кон Пакистан. Тогашниот гувернер, сепак, одлучи Кашмир да го припои кон Индија.
Од добивањето независност од Британија во 1947 година, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.
Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во првата војна за Кашмир, а потоа повторно војуваа во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, додека Кина, 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствената доминантно муслиманска сојузна територија во Индија.
Со одлуките на Советот за безбедност на ОН, донесени од 1948 година досега, се предвидува демилитаризација на Кашмир, а неговата иднина да се утврди со референдум.
Додека Индија искажува став против референдум, Пакистан е за спроведување на резолуциите на Обединетите нации (ОН).