Halit Süleyman
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ИДЛИБ (АА) – Загинаа 21 цивил, а триесет и петмина се ранети во воздушните напади што силите на режимот ги изведоа во северна Сирија, во подрачјата Салкин и Џиср еш Шугур, во областа на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден од претставниците на цивилната заштита на Салкин, Таха ел Омер, за АА изјави: „Еден воен авион, за кој претпоставуваме дека е руски, ги бомбардираше чаршијата и џамијата Равда во Салкин“.
Омер соопшти дека во бомбашкиот напад што беше извршен врз чаршијата и џамијата, загинаа 16 цивили, меѓу кои и деца и жени, а триесет и петмина се повредени. „Воздушниот напад беше изведен директно врз џамијата и чаршијата. Во нападот е предизвикана голема штета врз околината. Ранетите со помош на локалните жители и здравствените екипи се префрлени во градските болници“, изјави Омер.
Тој истакна дека во воздушниот напад изведен врз градот Џиср еш Шугур загинале уште петмина цивили, а ранети се поголем број лица.
Во појасот Хан Шејхун, утрово беше извршен напад со хлорен гас. Бројот на загинатите е над 100 лица, додека меѓу 500-тината затруени од гасот, повеќе од 100 лица се во тешка состојба.
Постои загриженост дека бројот на загинатите ќе расте.