?kipa
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - МУХАМЕД МИСТО -
Американската администрација, која одлучи да го засили своето воено присуство на нафтените полиња окупирани од страна на ЈПГ/ПКК, испрати свои воени сили во источниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Висок функционер на Пентагон претходно имаше изјавено дека САД ќе испратат дополнителни сили во источниот дел на Сирија, со цел да ги чуваат нафтените полиња.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во четвртокот истакна дека нема да дозволи ДЕАШ да ги преземе нафтените полиња во северниот дел на Сирија.
„Никогаш нема да дозволиме обновен ДЕАШ да ги поседува тие полиња“, порача Трамп преку Твитер.
Трамп во средата изјави дека Вашингтон ќе задржи „мал број“ американски сили во Сирија „каде што има нафта“.
По изјавата на американскиот претседател, од Пентагон стигна соопштение дека САД ќе го засилат своето воено присуство во регионот поради заштита на нафтените полиња во источниот дел на Сирија.
Извори од Деир ез-Зор потврдија дека воен конвој, кој е одвоен од Американската војска стационирана во Ирак, утрово пристигнал до границата во Ел-Јарубије, на ирачко-сириската граница.
Потоа конвојот се упатил кон нафтените полиња во Ал Омар. Изворите наведуваат дека во конвојот се наоѓаат најмалку 30 оклопни воила, вклучувајќи и тенкови.
- Подготовки за нова американска база -
Подрачјето на Ал Омар под контрола го држи терористичката организација ЈПГ/ПКК. Американската војска ја одреди и позицијата за нова база која ќе биде изградена на сириско-ирачката граница, југоисточно од Деир ез-Зор.
Се очекува да биде изградена на подрачјето на Багоз.
Во моментов САД имаат бази и воени точки во различни подрачја на Деир ез-Зор. Најголемата база делува на подрачјето на нафтеното поле Ал Омар.
Американските команданти на 15 октомври се состанаа со племенските водачи во Деир ез-Зор и ветија дека нема да се повлечат од регионот.
ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК која води терористичка кампања против Турција, што трае повеќе од 30 години. ПКК во Турција, САД и Европската Унија е окарактеризирана како терористичка организација и е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе.