Mohamed Sabry Emam Muhammed
26 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
БАГДАД (АА) - Ирачките власти денес соопштија дека 12 изгорени трупа биле извлечени во градот Диванија, еден ден по масовните протести против невработеноста и корупцијата во јужниот дел на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Здравствените власти истакнаа дека телата биле извлечени од Канцеларијата на гувернерот на јужната покраина Кадисија и од изгорените објекти на политичките партии во покраината.
Илјадници демонстранти вчера излегоа на улиците во главниот град Багдад и во јужните покраини на земјата против корупцијата на Владата, невработеноста и недостатокот на основни услуги.
Според Високата комисија за човекови права на Ирак, во протестите животот го изгубиле најмалку 31 лице, а над 2.300 се повредени.
Во денешното соопштение, ирачкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека извесен број припадници на безбедносните сили биле убиени и повредени кога биле нападнати со огнено оружје и камења за време на вчерашните протести.
Министерството не даде точен број на загинати припадници на безбедносните сили.
Незадоволството во Ирак во последниве години е во пораст поради зголемената стапка на невработеност и големата корупција. Голем дел од населението има ограничен пристап до основните потреби, како електрична енергија и чиста вода.
Според податоците на Светската банка, Ирак има висока стапка на невработеност кај младите од околу 25 отсто. Ирак е рангиран како 12-та најкорумпирана земја во светот од страна на повеќе организации за транспарентност.