Ekipa
14 Април 2019•Ажурирај: 15 Април 2019
КАРТУМ
Командантот на Силите за брза поддршка (RSF) потврди дека соборениот судански претседател Омар ал Башир се наоѓа во домашен притвор во Картум, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ал Башир не ја напушти земјата“, рече генерал-полковникот Мохамед Хамдан Дакло за државната телевизија на таа африканска земја.
Армијата на Судан во четвртокот, по повеќемесечни протести го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со Судан од 1989 година.
Војската формираше Воен совет кој ќе управува со земјата во преоден период од две години. На чело на Советот првично беше именуван министерот за одбрана, Ахмед Авад ибн Ауф, кој еден ден подоцна поднесе оставка, а на неговото место е именуван генерал-полковникот Абдел Фатах Бурхан.
Дакло рече дека Армијата на Судан во екот на масовните протести ја презела власта и го соборила претседателот Ал Башир.
На прашањето дали Ал Башир ќе му биде испорачан на Меѓународниот кривичен суд (ICC) за процесуирање на злосторствата во Дарфур, Дакло рече дека таа одлука ќе ја донесе народот на Судан.
„Судан ќе избере нова влада која ќе одлучи на кој начин ќе бидат процесуирани сите извршители на злосторства, вклучувајќи го и Ал Башир“, рече Дакло.