Ekipa
28 Мај 2017•Ажурирај: 29 Мај 2017
ГАЗА (АА) - Лекарите во болницата во Газа предупредија на катастрофалните услови во здравствената установа, која се соочува со постојани проблеми во снабдувањето со електрична енергија и недостиг на лекови, јавува Anadolu Agency (AA).
На педијатриското одделение на болницата „Абдулазиз ер-Рантиси“ во Газа, се одржа прес-конференција на која директорот на одделот, Мухамед Ебу Силмије, изјави дека пациентите во установата се соочуваат со голем недостиг на лекови и прекини на електричната енергија.
„Во болницата имаме скоро 40 пациенти кои мора да одат на редовна дијализа, а ние не сме во можност да ја правиме поради кризата во здравствениот сектор. Веќе долго време немаме голем број на потребни лекови. Пациентитe ни умираат поради тоа“, рече Силмије.
И лекарот Талха Балуши нагласи дека болницата воопшто ги нема лековите потребни за лекување на децата со карцином.
„Посебно се загрозени децата и пациентите на Одделот за интензивна нега, каде што апаратите често не работат затоа што нема електрична енергија. Ги повикуваме сите релевантни домашни и странски адреси да покажат солидарност и да помогнат во решавањето на оваа криза“, рече Балуши.
Минатата недела, директорот на Одделот за фармација при Министерството за здравство на Газа предупреди дека ќе престанат да работат доколку веднаш не се реши кризата со недостигот на лекови.
Израел од 2007 година Газа ја држи под апсолутна блокада, а локалното население се соочува со голема криза во однос на набавката на сите видови на стоки, вклучувајќи и лекови. Кризата претходните години ја ублажуваа тајните тунели ископани под границата меѓу Газа и Египет, преку кои влегуваше одредена количина на стока.
Египет почна да ги уништува овие тунели од средината на 2013 година, кога со воен удар го смени првиот демократски избран претседател на таа земја, Мухамед Морси. Египетските сили тврдат дека овие тунели ги користат и милитантите од Синај.