Lokman İlhan
29 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
БОГОТА (АА) - Низ Колумбија е одржан генерален штрајк на работниците незадоволни од економската ситуација и даночниот систем на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Штрајкот го организираа работничките синдикати, а масовни собири се одржани во речиси 40 колумбиски градови, вклучувајќи ја Богота, Меделин, Букараманга, Манизалес, Кали, Картагена, Неива и Попајана.
Протестите ги поддржаа и студентите кои се незадоволни од начинот на финансирање на Универзитетот, а судирите протекоа без поголеми инциденти.

Синдикатот на просветните работници на Колумбија (FECODE) исто така учествуваше во штрајкот, а неговите членови организираа протестна прошетка во центарот на главниот колумбиски град Богота.
До помали инциденти дојде кога студентите започнаа да ги каменуваат метробуските станици и полициската станица, но со брза интервенција на полицијата е спречена ескалацијата на нередите на улиците.
До поголеми нереди дојде на јужниот дел на Богота, каде што студентите се судрија со колумбиските специјалци.
Паралелно со тоа, Долниот дом на Парламентот на Колумбија доби нацрт-финансиски и даночни реформи со кои се сака да се реши долгогодишната економска криза во земјата.
Претседателот на Колумбија, Иван Дуке, на социјалните мрежи порача дека во оваа фаза нема да биде ревидиран данокот на додадената вредност, туку дека акцентот ќе биде на отворањето нови работни места и подобрување на социјалните бенефиции.
Тој упати благодарност до полицијата и демонстрантите што протестите поминале мирно и достоинствено.