Ayhan Şimşek
28 Мај 2021•Ажурирај: 29 Мај 2021
БЕРЛИН (АА) - Германија официјално призна дека извршила геноцид врз припадниците на народот Хереро и народот Нама во Намибија, на почетокот на 20 век, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сега и официјално ќе ги наречеме овие настани онакви какви што беа, од денешна перспектива - геноцид“, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас.
Потегот на Берлин следуваше по петгодишните преговори меѓу Германија и Намибија за решавање на нивната тешка историја и масовните убивања на десетици илјади од автохтоните народи за време на германското колонијално владеење.
Германската Влада ја исклучи правно обврзувачката репарација за масакрот, но вети финансиска поддршка поголема од милијарда евра за финансирање на инфраструктурните проекти.
Германските колонијални трупи во југозападна Африка во периодот од 1904 до 1908 година убија околу 60.000 припадници на народот Хереро и 10.000 припадници на народот Нама.